Австриецот Давид Алаба веќе сигурно ќе си замине од европскиот првак Баерн Минхен на крајот на оваа сезона, како слободен играч и без отштета, откако не успеа да се договори за нова соработка, поради алчноста да добие од баварската гордост плата од 25 милиони евра годишно.
Австриецот кој 12 години е дел од Баерн Минхен сега има ширум отворена врата за да избере во кој друг гигант ќе игра, а според последните најави, одлуката е веќе донесена и тој ќе се пресели во француски Пари Сен Жермен, објави „Билд“.
Германскиот весник посочува дека во моментов само парижаните може да му дадат плата која ја бара, а тоа е од над 20 милиони евра годишно, откако Реал Мадрид и Барселона, кои се посочуваа како многу изгледни дестинации веднаш се откажале од обидот да го донесат, кога слушнале колку пари бара левиот бек, кој во последно време игра како стопер.
Неодамна од Баерн Минхен објавија дека сите преговори со Алаба се прекинати и дека последната понуда од 15 милиони евра годишно е повлечена, откако менаџерот и Алаба не ја прифатиле. Баварците притоа го обвинија Пини Захави, израелскиот менаџер и еден од најмоќните луѓе во фудбалот за алчност.



