По првиот одигран натпревар сезонава во ЕХФ лигата на шампионите за ракометарите на Вардар 1961 следуваше речиси едномесечна принудна пауза поради одложување на две средби. Но, сега следува период на два натпревари на домашен терен, првиот вечерва (15 октомври 2020) против Флензбург, а потоа и против Порто.
Средбата против Флензбург повторно ќе се игра пред празни трибини во СЦ „Јане Сандански” во 20,45 часот. Тоа ќе биде прв официјален натпревар на Вардар 1961 во Скопје сезонава. Подготвувајќи се за овој дуел против германскиот тим, „црвено-црните” единствено одиграа две контролни средби, против градските ривали, Бутел и Металург. Но, сега претстои вистинскиот предизвик.
„Ќе се обидеме да излеземе како победници на овој дуел. За мене е важно мојата екипа да биде подобра од она последно издание во Мешков и мислам дека на крај можеме да се радуваме. И Флензбург има проблеми со повредени играчи и нема многу голема ротација, но во моментов се во мала предност поради подобрата натпреварувачка форма што не значи дека ние нема да направиме сè за да излеземе како победници”, изјави тренерот Алушовски.



