
Токму на денешен ден, 7 септември, во 2011 се случи една од најголемите спортски трагедии, кога авионот со хокеарите на Локомотив Јарослављ се урна на патот кон Минск.
Причината за падот во кој загинаа вкупно 44 луѓе (хокеари, членови на тимот и на екипажот) беше неадекватниот пристап и недоволната способност на пилотот да управува со авионот Јак-42.
Денес, за првпат после трагедијата, Локомотив Јарослављ одигра натпревар на 7 септември и тоа токму против тогашните ривали, Динамо Минск, во знак на комеморација.
На мечот, Динамо славеше со резултат од 3-4 и ја запиша првата гостинска меѓусебна победа после 30 декември 2018.
Во првата третина, Тејлор Бек и Илја Шинкевич им донесоа предност од 0-2 на Белорусите за во вториот дел, Рушан Рафиков и Павел Красковски да израмнат на 2-2 со два пауер-плеј погодоци.
Во воведните минути од третиот дел, Кирил Воронин погоди за 2-3 во корист на гостите, а на девет минути пред крајот, Максим Шалунов повторно израмни на 3-3.
На две и пол минути до последниот судиски свиреж, во момент кога гостите од Минск имаа играч повеќе, Бек, со вториот денешен гол му донесе конечен триумф на Динамо.
После три одиграни средби, Динамо Минск е четврт на Западот со четири поени, додека Локомотив е осми со бод помалку.



