
Во третото коло од новата Чемпионшип сезона, екипата на Дерби Каунти го запиша првиот гостински триумф после 16 февруари.
Имено, ,,Овните” на Вејн Руни славеа со минимални 0-1 против повратникот во второлигашкото друштво – Хал Сити.
Хал во овој меч влезе со доста ослабнат состав, особено поради отсуството на повредените Џорџ Ханимен и Малик Вилкс.
Од друга страна, гостите пред само еден ден доведоа две нови искусни засилувања, Фил Џагиелка и Сем Болдок, кои дебитираа денес.
Токму двајцата новајлии ја направија клучната разлика на теренот со тоа што Болдок (57′) го постигна победоносниот погодок, а Џагиелка беше неприкосновен во задната линија со искусниот Куртис Дејвис.
Имајќи предвид дека Хал ја помина минатата сезона во Лиг 1, исто така и за него ова беше прв домашен пораз после 23 февруари, кога Ипсвич славеше со 0-1 на ,,МКМ Стадиум”.
На табелата, Дерби скокна на единаесеттото место со четири освоени поени, додека Хал е осумнаесетти со еден бод помалку.



