
За првпат после 2018, Дани Педроса се појави во шампионатот на МотоГП за трката за големата награда на Штаерска.
Сепак, неговото враќање траеше само три кругови бидејќи Шпанецот учествуваше во стравотен инцидент со Лоренцо Савадори, при кој трката беше прекината поради пожар на мотоциклите, кој за среќа не предизвика повреди.
По рестартот, најдобро се покажа и освојувачот на пол-позицијата, Хорхе Мартин, кој воедно дојде и до првата победа во МотоГП.
Зад него, до најдобриот резултат во сезоната, стигна актуелниот шампион – Жоан Мир.
Водечкиот во вкупниот поредок, Фабио Квартараро, се пласираше на третата позиција и дополнително ја зголеми својата предност во однос на најблиските конкуренти.
Во продолжение, пласманот во првите пет го комплетираа уште Бред Биндер и Такааки Накагами.
На десет кругови пред крајот, додека беше во борба за подиум, од патеката излета Џек Милер, а несреќен рестарт на трката имаше и Маверик Вињалес.



