
Грчките ватерполисти ги имаат убедливо најдобрите настапи на ЛОИ 2020 и без пораз успеаја да се пласираат во првото олимписко финале.
Во досегашниот тек на турнирот, Грција има шест победи и само едно реми против Италија во групната фаза.
Во полуфиналето, ватерполистите на нашиот јужен сосед ја совладаа фаворизираната Унгарија со 9-6.
По четвртини, резултатот гласеше 2-1, 1-1, 2-2 и 4-2 во корист на победничкиот состав.
За Грција, најефикасен играч беше Стилијанос Аргиропулос со четири голови од шест обиди, а стопроцентен учинок (2/2) имаше Константинос Киувецис.
Голманот Емануил Зердевас, со 7/13 одбрани (54%), беше исто така една од клучните алки на првите финалисти.
Од унгарските редови, единствен со два гола беше Кристијан Манхерч (2/5), а голманот Виктор Наѓ одбрани 8/17 противнички удари.
Во големото финале, Грција ќе ги одмери силите со победникот од дуелот помеѓу Србија и Шпанија.



