
Гркот Милитијадис Тентоглу за првпат во кариерата се закити со златно одличје од ЛОИ, откако на среќен начин триумфираше во скок во далечина.
Имено, со својот шести обид, Тентоглу прескокна 8,41 метри што беше до сантиметар иста дистанца како и онаа на Кубанецот Хуан Мигел Ечеварија.
Сепак, на Ечеварија му претстоеше уште еден скок, кој требаше да биде подолг од 8,20 метри за, со подобра втора дистанца, да му го ,,украде” златото на Тентоглу.
Во моментот кога Кубанецот иташе кон отскочната линија, се случи несакана повреда на задната ложа, која освен што го спречи да скокне, исто така го присили да се задоволи со сребро.
На третото место, со скок од 8,21 метри, се пласираше сонародникот на Ечеварија, Мајкел Масо, кој дојде до првиот престижен медал во својата кариера.
Во финалето учествуваа вкупно дванаесет скокачи, а освен тројцата првопласирани, границата од осум метри ја поминаа Еузебио Касерес (8,18), Џавон Херисон (8,15), Јуки Хашиока (8,10) и Тобијас Монтлер (8,08).



