
Атланта Хокс дојдоа до првата ,,меч-топка” во четврт-финалната серија против Филаделфија 76ерс, откако со синоќешната победа поведоа со вкупни 3-2.
Имено, Хокс успеаја да слават со 106-109 после драматичен финиш, правејќи огромен пресврт.
Во првите три четвртини, 76ерс имаа константна двоцифрена предност, која во третиот квартал достигна до максимални +26.
Сепак, со серијата од 15-0 во завршницата, Атланта го комплетираше својот ,,кам-бек”, притоа добивајќи ја четвртата четвртина со 19-40.
Најзаслужни за овој триумф на ,,Јастребите” беа Тре Јанг (39 поени) и Џон Колинс (19 поени и 11 скокови).
На спротивната страна, најмногу се истакнаа Џоел Ембиид со дабл-дабл од 37 кошеви и од 13 скокови, како и Сет Кари со дополнителни 36 поени.



