
Поразот во финалето на одбојкарската Серија А од Лубе очигледно имаше мотивирачки импакт врз Перуџа.
Претседателот на клубот, Џино Сирчи, засега ги исполнува сите свои ветувања.
Имено, откако го врати Никола Грбиќ на тренерската позиција, Сирчи го доведе и американскиот коректор Метју Андерсон.
Сепак, неговите купувања не запреа овде. Вчера и официјално беше претставен еден од најдобрите техничари на денешницата – Симоне Џанели.
Џанели, родум од Болцано, има 24 години, но настапува за италијанската сениорска репрезентација уште од 2015.
Целата досегашна своја професионална кариера ја помина во Трентино, каде што освои по една титула во ЛШ (2015/16) и во клупското СП (2018), како и два наслови на Италија (2012/13 и 2014/15).
Освен трофеите на клупски план, Џанели има многубројни медали на репрезентативно и на индивидуално ниво.
,,Што да очекувам од Перуџа? Па, за мене сè ќе биде ново. Првпат правам трансфер во друг клуб. Сите ми зборуваа добро за Перуџа, за амбиентот и за навивачите, кои ги имам видено многупати, но само како противник. Со мојот труд, сакам да им ја стекнам довербата на сите и одвај чекам да се запознаам со навивачите и да ги видам во салата.” – се огласи Џанели за официјалниот веб-сајт на Перуџа.



