
Индијана Пејсерс се квалификуваа во втората фаза од плеј-ин турнирот од овогодинешната НБА сезона, откако синоќа ги декласираа Шарлот Хорнетс со 144-117.
Пејсерс водеа во текот на цел натпревар, а стекнаа двоцифрена разлика уште во првата четвртина.
До крајот, домаќините само ја градеа својата предност што во еден момент достигна и +39.
Поентерски од победничкиот состав најмногу се истакнаа Ошеј Брисет (23 поени), Даг МекДермот (21 поен) и Ти Џеј МекКонел (17 поени).
Покрај нив, дабл-дабл запишаа Гога Битадзе (14 кошеви и 10 скокови) и Домантас Сабонис (14 кошеви и 21 скок).
Кај поразениот тим, Мајлс Бриџес беше најефикасен со 23 поени, а Коди Зелер додаде уште 17.
Поради чудниот формат на плеј-инот, во наредната фаза, Индијана ќе се соочи со Вашингтон Визардс, кои синоќа загубија со 118-100 од Бостон Селтикс.



