
Претпоследното коло од англискиот Чемпионшип само ја зголеми напнатоста во пресрет на последната недела, кога е во прашање битката за опстанок.
Во неа учествуваат четири екипи, односно Дерби, Ротерам, Шефилд Венздеј и Викомб.
На табелата, единствен од овие четири тимови вон ,,црвената” зона е Дерби, кој има 43 поени, а зад него следуваат трите ривали со по три бодови заостаток.
Сепак, ,,Овните” предводени од Вејн Руни денес беа поразени на ,,Либерти Стадиум” од Свонси со 2-1.
Најпрво, Том Лоренс (48′) му донесе водство на Дерби, а потоа Велшаните направија пресврт преку поранешниот ,,овен”, Морган Витакер (63′) и преку Конор Робертс (66′).
Ротерам има натпревар помалку во однос на Дерби, а денес освои витален бод во ремито од 1-1 против Блекбурн.
Гостите од Ленкашир поведоа преку својот најдобар стрелец, Адам Армстронг (17′), а на четири минути пред крајот, со дебитантскиот погодок во црвениот дрес, конечниот резултат го постави Луис Винг.
Во третиот меч, Шефилд Венздеј исто така освои бод, откако одигра 0-0 против Нотингем Форест.
Популарните ,,Шумари” имаа шанса да дојдат до три поени, но непрецизен од белата точка беше Луис Грабан во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме.
За крај, своите математички шанси за опстанок ги врати и отпишаниот Викомб, кој со голот на Уче Икпеазу (4′), му нанесе пораз од 1-0 на фаворизираниот Барнмут.
Сепак, момците на Герет Еинсворт треба да очекуваат вистинско чудо во последното коло, бидејќи имаат негативна гол-разлика од -33.



