Екипата на Питерборо Јунајтед дојде до четвртата победа на последните пет средби, откако во 42. коло од англиската Лиг 1, славеше над Нортемптон Таун со 3-1 по 34. пат во познатото дерби на Нен.
Фудбалерите на Дарен Фергусон, син на легендарниот Сер Алекс Фергусон, поведоа во 33. минута, откако мрежата на Џонатан Митчел ја затресе Семи Смодич.
Само десет минути подоцна, гостите израмнија после комичен пенал, со шестиот овосезонски погодок на Сем Хоскинс (43′).
Во второто полувреме, Питерборо одлучно тргна кон противничкиот гол и постигна дополнителни два погодоци.
Стрелци за популарните ,,Пош” во вториот дел беа гореспоменатиот Смодич (48′) и Џонсон Кларк-Херис (п. 67′).
Имено, за Кларк-Херис, ова беше 28. овосезонски погодок, кој го држи убедливо на првото место на листата на стрелците со пет голови предност во однос на второпласираниот Чарли Вајк од Сандерленд.
Со новите три поени, Питерборо се израмни на врвот со Хал Сити, додека Нортемптон остана во ,,црвената” зона.
📸 Pete Norton/Getty Images



