Ракометна Македонија е на „седмо небо“ по победата од 33:29 против Данска во квалификациите за Европското првенство во 2022 година. По триумфот над светскиот првак Лазаров испрати јавна благодарност до сите кои му дале поддршка на стартот, а исто така потенцира дека одиграле херојски и им честита за големиот подвиг. Овој подвиг е една од најголемите ракометни победи на нашата селекција на сите времиња. Ваков ракомет кој плени и одушевува може само да ја радува нацијата.
,,Сакам да им се заблагодарам на моите играчи и соиграчи. Тие ги испочитуваа моите инструкции. Благодарност до мојот стручен тим, кој ми помогна да се подготвиме за овој натпревар. Иако ова е нов предизвик за мене и не е психолошки лесно, сепак чувствував позитивна енергија. Бев подготвен и на пораз, но најважно ми беше да го испочитуваме тоа што го договоривме. Сепак, јас сум напаѓач и играм против квалитетни одбрани и знам што е тоа. Добриот резултат тргнува од одбраните. Среќен сум и горд за мене и цела Македонија затоа што со нас сме имале и лоши и добри моменти. Во моментов сум цврсто на земја, кажав и пред натпреварот дека се појавија двајца играчи кои заслужија да бидат меѓу овие 16, но немаше место.Ова е само почеток и јас знам што е спорт и го знам нашиот македонски менталитет. Најважно е да се пласираме, па за другото ќе размислуваме понатаму“– рече по натпреварот Лазаров.
Фото и извор: Kiril Lazarov 7 @lazarovkiril7



