Една од седумте денешни средби во КХЛ ја одиграа источните ривали – Автомобилист Екатеринбург и Трактор Чељабинск.
Во пресрет на натпреварот, пред почетокот на репрезентативната пауза, Автомобилист ја прекина својата екстремно негативна серија од десет врзани порази, совладувајќи го Металург Магнитогорск со 0-4.
Сепак, денес се вратија на старите патеки, откако во домашната ,,Уралец Арена” загубија со 2-3 од Трактор.
Гостите поведоа со 0-1 во првата третина, а на средината на мечот ја удвоија својата предност. Стрелци на погодоците беа Алексеј Бивалцев и Витали Кравцов.
Автомобилист намали на 1-2 само две минути подоцна преку Станислав Бочаров, а до крајот на третината, Ник Бејлен зголеми на 1-3. Сите три голови на Трактор беа постигнати при ,,пауер-плеј”, односно со играч повеќе на ледената плоча.
Во третиот дел, Автомобилист напаѓаше константно, но единствено што успеа да направи беше да намали на 2-3 на седум секунди до крајот со голот на Андреј Обидин.
Со новиот триумф, Трактор изби на третото место на Истокот, додека тимот од Екатеринбург остана шести и покрај денешниот пораз.



