По вторпат во само два дена, Јокерит и АК Барс Казањ ги одмерија силите во рамките на КХЛ.
На денешната средба, Јокерит важеше за номинален домаќин, иако истата беше одиграна во Казањ. Причина за тоа е претстојниот репрезентативен ,,Чанел 1 Куп”, кој ќе се одигра во Русија и воедно го спречи патувањето на хокеарите заради одбегнување на беспотребни сообраќајни дејности.
По вторпат во низа, АК Барс Казањ го порази Јокерит со ист резултат од 4-1. Финците водеа после првата третина со голот на Еели Толванен, а Стефан Да Коста израмни на 1-1 во втората третина.
Третиот период во целост го добија хокеарите на АК Барс, кои постигнаа три погодоци преку Најџел Доус, гореспоменатиот Да Коста и Кирил Петров. Токму вториот гол на Да Коста беше несекојдневен, бидејќи поради силниот удар, пакот веднаш се одби во теренот и ,,домашните” хокеари продолжија со играта. Сепак, после десетина секунди, судиите се консултираа со останатите камери и го досудија важечкиот гол.
За АК Барс, ова е шеста врзана победа со вкупна гол-разлика од дури 21-5 за комплетна доминација на Истокот. Од друга страна, Јокерит сè уште е во плејоф-зоната на Западот, заземајќи го осмото место.



