Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Стивен Џерард, во потполност го доминира шкотскиот Премиершип, откако стана тренер на Глазгов Ренџерс.
Имено, ,,Полицајците” не знаат за пораз веќе 26 средби во сите натпреварувања, при што, последниот датира од 6 март 2020, кога Баер Леверкузен славеше со 1-0 во осмина-финалето на Лига Европа.
Денес, во рамките на 17. коло од шкотската прва лига, Ренџерс гостуваа на ,,Тенадис Парк” кај Данди Јунајтед. Претставниците на Глазгов ја запишаа и петтата врзана победа, откако триумфираа со 1-2.
Во 26. минута, предност на Ренџерс им донесе фантастичниот Џејмс Таверниер, кој иако игра на бековската позиција, сепак е водечки стрелец во лигата со 11 погодоци и 8 асистенции.
Седум минути подоцна, за Данди Јунајтед израмни Лиам Смит со својот првенец во портокалово-црниот дрес. До крајот на полувремето, Конор Голдсон (44′) го постави конечниот резултат, по асистенцијата на Таверниер.
И покрај вториот пораз во низа, Данди Јунајтед останува на шестото место, додека Ренџерс го држат водството со +15 во однос на второпласираниот Хиберниан. Имено, Ренџерс имаат +16 во однос на Селтик, кој има три натпревари помалку и моментално се наоѓа на третото место.



