Четвртиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција, се одвиваше во фамозниот Вал д’Изер.
По воведните четири трки во техничките дисциплини, скијачите конечно се тркаа во двете брзински – супер-велеслалом и спуст.
На вчерашниот супер-велеслалом, до првата победа во кариерата дојде Швајцарецот Мауро Кавиецел (1:01,34), пред Андре Смисет Сејерштед (+0,10) и пред Кристијан Валдер (+0,54).
На денешниот спуст, најбрз беше Словенецот Мартин Чатер, кој стартуваше со реден број 41 и ја помина патеката за 2:04,67 минути. За Чатер, ова е прва победа во кариерата во Светскиот куп, а претходниот најдобар резултат му беше седмото место на алпската комбинација во Бормио, на 29 декември 2017.
Освен Чатер, на подиумот се најдоа уште двајца скијачи што изненадија позитивно: Отмар Штридингер (+0,22) и Урс Кринбил (+0,27). За Штридингер, ова е четврти подиум во кариерата и прв после 13 март 2019 во Солдеу, додека Кринбил по вторпат се наоѓа на пиедесталот, претходно заземајќи го второто место на 28 декември 2019 во Бормио.
Актуелниот шампион, Александар Омодт Килде (+0,36) го зазеде четвртото место, а единствениот друг скијач со заостаток под половина секунда беше Жоан Клери (+0,42).
Во продолжение следуваа: Беат Фојц (+0,53), Андреас Сандер (+0,57), Матијас Мајер (+0,59), Ромед Бауман (+0,60) и Доминик Парис (+0,62).



