Третиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки се одвиваше во германскиот Оберхоф, а на денешната програма беше единствено индивидуалното санкање во женска конкуренција.
Во првата серија, Летонката Кендија Апарјоде (41,667) беше најбрза, оставајќи ги зад себе трите Германки со заостаток помал од две десетинки: Дајана Ајтбергер (+0,005), Натали Гајзенбергер (+0,100) и Чејене Розентал (+0,154).
Во второто санкање, Австријката Маделене Егле, којашто беше петта по првата серија, постави рекорд на стартот (6,812) и рекорд на патеката (41,602) и со тоа напредна една позиција.
Апарјоде беше само солидна во втората серија, но сепак го освои својот втор подиум во кариерата (+0,169), односно прв после 28 јануари 2018 на спринтот во Сигулда.
Гајзенбергер заврши втора на четвртата последователна трка (+0,072), додека Ајтбергер (1:23,338) победи на својата домашна патека, по враќањето во Светскиот куп, откако стана мајка.



