Првиот меч од единаесеттото коло во италијанската Серие Б го одиграа екипите на Венеција и на Монца.
Овој дуел заврши со резултат од 0-2 во корист на Монца, која се врати во италијанската втора лига за првпат после деветнаесет години.
Стрелец на првиот погодок беше 21-годишниот лев бек, Карлос Аугусто, кој на својот шести настап за клубот од гратчето фамозно по Формула 1, го заби дебитантскиот погодок во 63. минута. Станува збор за т.н. еврогол, постигнат од дваесетина метри од остар агол, со шут што најверојатно требаше да биде упатен кон соиграчите во нападот. Вториот гол во мрежата на Лука Лецерини беше дело на Дани Мота Карваљо во првата минута од судиското продолжение, по брзиот контранапад.
Венеција успешно се бранеше и парираше во првото полувреме, но играта на домашните фудбалери значително опадна во вториот период што резултираше со третиот овосезонски пораз и заземање на шестото место на табелата. Со новите три поени, Монца ги надмина Кјево и Читадела и „скокна“ на седмото место, а во продолжението на сезоната, во нападот ќе го има и асот Марио Балотели.



