Во пресрет на денешниот АФЛ драфт, екипата на Аделаид Кроус го имаше првиот пик, но го замени истиот со Вестерн Булдогс, кои дадоа и дополнителни шест од првите шеесет пикови.
Имено, Булдогс го искористија првиот пик за селектирање на еден од најголемите таленти – 18-годишниот ,,левоног” напаѓач Џамара Угл-Хаган.
Џамара Угл-Хаган е роден Фрамлингам, село во југозападна Викторија и има абориџинско потекло. Воедно, тој е првиот играч со староседелско потекло избран како прв пик во АФЛ уште од Дес Хедленд во 1998, кој заврши во Бризбејн. Исто така, Угл-Хаган е првиот прв пик на Вестерн Булдогс после Адам Куни во 2003.
Со своите 195 сантиметри и со стилот на играта, младиот напаѓач е често споредуван со ѕвездата на Сиднеј Свонс – Ленс ‘Бади’ Френклин. Минатата година, во дресот на Оуклеј Чарџерс во НАБ Лиг, Угл-Хаган постигна 24 голови на 9 натпревари.
Неговиот досегашен соиграч, Вил Филипс, како трет пик беше селектиран од страна на Норт Мелбурн Кенгарус, а помеѓу нив беше одбран асот на Вест Аделаид, Рајли Тилторп, кој заврши во својот клуб од детството – Аделаид Кроус.



