Пред неполна седмица, синот на легендарниот Михаел Шумахер, Мик Шумахер, потпиша договор со ,,Хаас”, според којшто ќе вози во Формула 1 од наредната сезона.
Германецот ја помина 2020 година во Формула 2 шампионатот, каде што денес ја освои и титулата.
Имено,на Шумахер му требаше пласман заклучно со седмото место за да стане новиот шампион пред Калум Илот, или пак потфрлување на Британецот.
На денешната трка за наградата на Сахир, се случи токму второто сценарио. Имено, Шумахер го зазеде дури осумнаесеттото место, но тоа му донесе славје поради десеттата позиција на Илот.
Со ова, Шумахер на неверојатен начин се опрости од Формула 2, каде што оваа сезона триумфираше по еднаш во Монца и во Сочи.
Впрочем, денешната трка заврши со дебитантската победа во дебитантската сезона на Индиецот Џехан Дарувала, кој стана дванаесеттиот различен победник сезонава. Освен него, на подиумот се најдоа Јуки Тсунода и Ден Тиктам.



