После двете воведни скокалници, во Висла и во Рука, Светскиот куп во ски скокови ја продолжи сезоната во Нижњи Тагил, Русија.
Пласманот на првите тројца на вчерашните квалификации гласеше: Маркус Ајзенбихлер, Халвор Егнер Гранеруд и Даниел Хубер.
Потполно ист беше редоследот и после денешната прва серија од четвртото индивидуално натпреварување сезонава, во којашто најпријатно изненадување беше четвртопласираниот Александер Знишчол. Од друга страна, негативно изненадија неколку скокачи што не се пласираа во првите триесетмина како Петер Превц, Штефан Хула, Анже Семенич и Јунширо Кобајаши.
Со вториот скок од 142,5 метри што воедно е и новиот рекорд на скокалницата, Роберт Јохансон успеа да напредне од дваесет и петтото до третото место. До втората победа во низа, а воедно и во кариерата стигна Гранеруд, оставајќи го зад себе Хубер,кој го оствари најдобриот резултат во кариерата. До истото достигнување стигна и Знишчол, кој заврши како седми. Освен нив, во првите десет се пласираа уште: Томас Лакнер, Пиус Пашке, Евгениј Климов, Јукија Сато, Анже Ланишек и Маркус Шифнер.
Ајзенбихлер беше најголем ,,губитник” од сите, бидејќи ја загуби рамнотежата при стартот на вториот скок и накрај заврши како дваесет и осми.



