Тринаесеттата овосезонска трка, од Мото 3 категоријата, беше одржана на патеката ,,Рикардо Тормо” во Валенсија, но го носеше називот како Европско гран-при.
Во вториот круг, Алонсо Лопез и Челестино Виети излетаа од патеката во битката за врвот, а од целата ситуација настрада и водечкиот во генералниот пласман, Алберт Аренас, кој беше приморан да се откаже поради оштетувања на мотоциклот. Сепак, Шпанецот се врати на патеката, откако механичарите го санираа проблемот.
Само три кругови подоцна, од битката за шампионската титула, сам себеси се исфрли Џон МекФи, излетувајќи во првиот свијок.
Во десеттиот круг, истата судбина го снајде победникот на последните две трки, Жауме Масија, кој излета во четвртата кривина.
Аренас, иако заостануваше три кругови зад сите возачи, направи општ хаос во групата што се бореше за подиум, каде што се наоѓаше неговиот најблизок конкурент во вкупниот поредок, Аи Огура, при што доби црно знаме за неодговорно возење и нервозно ја напушти патеката.
По заминувањето на Шпанецот, битката за подиум го зема фокусот на трката. Огура, Серхио Гарсија и Тони Арболино се бореа за втората позиција, а воедно и за пласман во вкупниот поредок.
Раул Фернандез извоза одлична соло-трка од дваесет кругови и ја запиша првата победа во кариерата, токму на местото каде што дебитираше во 2016. Освен домашниот возач, на подиумот завршија Гарсија и Огура, кои беа за нијанса побрзи од четвртиот Арболино.
Исто така, поени освоија уште: Биндер, Татаи, Непа, Алкоба, Салач, Сасаки, Роси, Мињо, Фенати, Онџу и Родриго.
Во генералниот пласман, Аренас остана прв, но сега има предност од само три поени во однос на Огура, дваесет поени во однос на Виети и дваесет и три поени во однос на Тони Арболино на две трки пред крајот.



