Вовед:
Втората најпрестижна велосипедска трка, односно еден од трите ,,грен-слеми”, Џиро д’Италија, се одржа од 3 октомври до 25 октомври, поради пандемијата со Коронавирусот.
Имено, трката беше планирана во мај, но истата беше одложена од горенаведената причина.
Ова беше вкупно 103. издание на Џиро д’Италија, кое беше долго 3495,8 километри.
Голем дел од фаворитите, вклучувајќи ги првите двајца на Тур д Франс, Тадеј Погачар и Примож Роглич, не учествуваа на овогодинешното издание на италијанската велосипедска трка.
Етапа 1:
Првата етапа од овогодинешното 103. издание на Џиро д’Италија беше хронометарска на 15,1 километри.
До првата победа на престижните етапи во кариерата дојде 24-годишниот Италијанец Филипо Гана.
Возачот на ,,Инеос” ја помина патеката за 15:24 минути, оставајќи ги зад себе Жоао Алмеида (+0:22) и Микел Бјерг (+0:22).
Етапа 2:
Диего Улиси ја оствари својата седма победа на Џиро д’Италија, откако беше најбрз на втората овогодинешна етапа. Возачот на ,,УАЕ Тим Емирејтс”, во финишот, беше побрз од Петер Саган и од Микел Фролих Хоноре.
Португалецот Жоао Алмеида ја носеше виолетовата маичка за најмногу освоени поени на втората етапа.
Возачот на ,,Декојнинк-Квик-Степ” беше втор во оваа класификација, но ја носеше маичката бидејќи првопласираниот Филипо Гана на себе го имаше розевиот дрес.
Со ова, Алмеида стана првиот Португалец што носел ,,обоена” маичка на Џиро д’Италија после 31 година.
Етапа 3:
Џонатан Клевер Каиседо е победник на третата етапа од Џиро д’Италија.
Еквадорецот ја запиша својата прва победа на престижните трки, со 21 секунда предност во однос на второпласираниот Џовани Висконти, односно 30 секунди предност во однос на Харм Ванхуке.
Етапа 4:
Втората етапна победа на Џиро во својата кариера ја оствари Французинот Арно Демар на четвртата етапа.
Возачот на ,,Групама-ФДЈ” на завршниот спринт беше побрз од Петер Саган и од Давиде Балерини.
Етапа 5:
Филипо Гана неочекувано славеше по вторпат на тековната трка, откако беше најбрз на петтата етапа.
Италијанецот, речиси убедливо, дојде до победата, со 34 секунди предност во однос на Патрик Конрад и на Жоао Алмеида.
Со овој триумф, Гана стана првиот Италијанец, после Винченцо Нибали во 2013, кој победил и на хронометар и на обична етапа во едно издание на Џиро д’Италија.
Етапа 6:
Шестата етапа, исто како и четвртата, му припадна на Арно Демар, кој беше најбрз од цел пелотон на целниот спринт. На второто и третото место се најдоа Мајкл Метјус и Фабио Фелине.
Воедно, освен победата, Демар ја заработи и виолетовата маичка за најмногу освоени поени, којашто претходно беше во сопственост на Петер Саган.
Етапа 7:
Хет-трик за Арно Демар на овогодинешното издание на Џиро д’Италија!
Французинот повторно го предводеше пелотонот како најбрз возач низ улиците на Бриндизи, а позади него беа Петер Саган и Мајкл Метјус.
Етапа 8:
Осмата етапа на Џиро д’Италија, во целост му припадна на Алекс Доусет. За Британецот, ова е вкупно втора победа на Џиро, односно прва после 2013. Исто така, ова беше и дебитантски триумф на италијанската трка и за ,,Израел Старт-Ап Нејшн”.
Со заостаток од 1:15 минути, на подиумот завршија Салваторе Пучо и Метју Холмс.
Етапа 9:
Прва етапна победа на Џиро д’Италија за Португалија во последната триесет и една година.
Имено, Рубен Гереиро е победник на деветтата етапа за првпат во својата кариера.
Португалецот од редовите на,,ЕФ Про Сајклинг” беше најбрз низ планините во регионот Абруцо, а на второто и третото место се пласираа Џонатан Кастровиехо (+0:08) и Микел Бјерг (+0:58), кои беа и единствени велосипедисти што заостануваа помалку од една минута во однос на Гереиро.
Ден за одмор
Етапа 10:
Големиот Петер Саган, попознат како ,,Саганатор” конечно ја оствари својата прва победа на Џиро д’Италија во својата долгогодишна и накитена кариера.
Словакот беше првопласиран на десеттата етапа после завршните 7,5 соло-километри, со деветнаесет секунди предност во однос на Брендон МекНалти и дваесет и три секунди предност пред останатите возачи што завршија во првите десет, од кои, најбрз беше водечкиот во генералниот пласман – Жоао Алмеида.
Саган, со оваа победа, стана стотиот возач во историјата што победил барем по една етапа на секоја од трите престижни трки (Тур д Франс, Џиро д’Италија и Вуелта). За возачот на ,,Бора-Хансгрое”, ова беше прва победа после цел 461 ден.
Етапа 11:
На рамната единаесетта етапа, Арно Демар триумфираше по четврти пат на овогодинешното издание на Џиро д’Италија, задржувајќи ја, за петта етапа по ред, виолетовата маичка за најмногу освоени поени во свој посед.
Вчерашниот победник, Петер Саган, беше второпласиран, а како трет заврши Алваро Хозе Ходек.
Етапа 12:
Првата етапна престижна победа во својата тазе професионална кариера ја оствари Еквадорецот Џонатан Нарваез на дванаесеттата етапа на Џиро д’Италија.
Возачот на ,,Инеос” и еквадорскиот друмски шампион од 2017 беше најбрз на финишот во Чезенатико, задавајќи им осумминутен заостаток на сите носители на обоените маички.
Освен Нарваез,на подиумот завршија Марк Падун (+1:08) и Сајмон Кларк (+2:36).
Етапа 13:
Диего Улиси победи по вторпат на овогодинешното издание на Џиро д’Италија, со одличниот спринт на финишот на тринаесеттата етапа.
Како второпласиран заврши носителот на розевата маичка, Жоао Алмеида, а подиумот го комплетира Патрик Конрад.
Етапа 14:
Филипо Гана е вториот велосипедист на овогодинешното Џиро д’Италија што направи хет-трик, после Арно Демар.
Италијанецот денес беше најбрз на ридскиот индивидуален хронометар (34,1 км), а зад него се пласираа Рохан Денис (+0:26) и Брендон МекНалти.
Етапа 15:
После бегството на денешната планинска етапа, триото составено од Тао Геоган Харт, Вилко Келдерман и Џеи Хиндли помина прво низ целната линија, со што Геоган Харт ја оствари својата прва победа на Џиро и трета во кариерата (другите две победи ги забележа на Тур низ Алпите во 2019).
Веднаш зад нив, со 37 секунди заостаток, заврши носителот на розевата маичка – Жоао Алмеида.
Ден за одмор
Етапа 16:
На шеснаесеттата етапа, до првата престижна победа во кариерата дојде Словенецот Јан Тратник.
Возачот на ,,Бахраин-Мерида” заврши прв, со седум секунди предност во однос на второпласираниот Бен О’Конор. На третото место заврши Енрико Батаљин (+1:14).
Етапа 17:
Второпласираниот возач на шеснаесеттата етапа, Бен О’Конор, беше првопласиран на седумнаесеттата, изборувајќи ја својата прва досегашна престижна етапна победа.
На второто место се пласира Херман Пернштајнер (+0:31), а Томас де Гендт го комплетираше подиумот (+1:10).
Пелотонот, каде што беше и Жоао Алмеида, носителот на розевата маичка, имаше заостаток од пет минути.
Етапа 18:
Новиот стопан на белата маичка, Џеј Хиндли, беше победник на осумнаесеттата етапа на Џиро. Веднаш зад него, без заостаток, заврши Тао Геоган Харт, а Пељо Билбао (+0:46) беше трети.
Алмеида повторно имаше заостаток од речиси пет минути (4:51) и ја заврши етапата на седмото место, но ја изгуби розевата маичка за првпат после третата етапа. Имено, Португалецот падна на дури петтото место во генералниот пласман (+2:16), а новиот водечки е Вилко Келдерман. Помеѓу нив двајца, се наоѓа првопласираното трио од денешната етапа по истиот редослед (Хиндли, Геоган Харт и Билбао).
Етапа 19:
Јосеф Черни ја оствари својата прва победа во кариерата на сите професионални натпреварувања, со исклучок на националните првенства.
Возачот на ,,ЦЦЦ Тим” ја освои деветнаесеттата етапа на Џиро 2020 (скратена поради протести низ одредени градови), со осумнаесет секунди побрзо време од второпласираниот Виктор Кампенаертс. На третото место се пласира Јакопо Моска, со дваесет и шест секунди заостаток.
Етапа 20:
Тао Геоган Харт и Џеј Хиндли повторно први ја помина целната линија на денешната претпоследна етапа и направија нови возбудувања и промени на врвот на генералниот пласман.
Имено, досегашниот носител на розевата маичка, Вилко Келдерман, заврши на осмото место (+1:35) и му ја предаде истата на Џеј Хиндли, кој нема никаква предност во однос на Геоган Харт што значи дека утрешната последна етапа ќе го одреди вкупниот победник на Џиро 2020.
Етапа 21:
Последната етапа на овогодинешното издание на Џиро д’Италија му припадна на Филипо Гана.
Имено, етапата беше хронометарска (15,7 км) што дополнително го зголеми значењето на победата на Гана: Италијанецот не загуби ниеден од трите хронометри и ја запиша својата четврта победа на Џиро 2020.
Со по триесет и две секунди заостаток, второто место го поделија Виктор Кампенаертс и Роан Денис.
Сепак, побитни од етапниот распоред беа перипетијата и расплетот на генералниот пласман.
Џеј Хиндли и Тао Геоган Харт влегоа во последната етапа со, до секунда, исто време, делејќи ја првата позиција.
Денес, Геоган Харт беше за триесет и девет секунди побрз од австралискиот ривал и стана првиот велосипедист во историјата што го освоил Џиро д’Италија без да ја облече розевата маичка ниту еднаш.
Кратко резиме:
Филипо Гана со триумф го отвори 103. издание на Џиро д’Италија и ја задржа розевата маичка во првите две етапи.
Од третата, до седумнаесеттата етапа, водечки беше Жоао Алмеида.
Осумнаесеттата етапа беше пресудна за понатамошниот развој на ситуацијата, бидејќи Алмеида имаше 4:51 минути заостаток во однос на победникот Џеј Хиндли, притоа отстапувајќи му розевата маичка на Вилко Келдерман.
Холанѓанецот ја носеше популарната ,,маља роза” уште една етапа, а потоа истата ја присвои Хиндли, кој имаше исто време до секунда како второпласираниот Тао Геоган Харт.
Последната етапа беше хронометарска, со финиш во Милано, а таму, Геоган Харт беше за триесет и девет секунди побрз од Хиндли, што му ја донесе титулата во свои раце.
Имено, Геоган Харт стана првиот велосипедист во историјата што го освоил Џиро д’Италија без да ја облече розевата маичка ниту еднаш.
Британецот ја освои и белата маичка за најдобар млад возач (под 23 години), а останатите класификации ги добија Арно Демар (најмногу освоени поени) и Рубен Гереиро (најдобар планински возач).
Како најдобар тим се покажа ,,Тим Инеос”, кој, освен победникот, го имаше и Филипо Гана – возачот што ги победи сите три хронометри плус петтата ридска етапа.
Генерален пласман:
- Тао Геоган Харт (85:40:21 часови)
- Џеј Хиндли (+0:39)
- Вилко Келдерман (+1:29)
- Жоао Алмеида (+2:57)
- Пељо Билбао (+3:09)
- Јакоб Фуглсанг (+7:02)
- Винченцо Нибали (+8:15)
- Патрик Конрад (+8:42)
- Фаусто Маснада (+9:57)
- Херман Пернштајнер (+11:05)



