По првиот одигран натпревар сезонава во ЕХФ лигата на шампионите за ракометарите на Вардар 1961 следуваше речиси едномесечна принудна пауза поради одложување на две средби. Но, сега следува период на два натпревари на домашен терен, првиот вечерва (15 октомври 2020) против Флензбург, а потоа и против Порто.
Средбата против Флензбург повторно ќе се игра пред празни трибини во СЦ „Јане Сандански” во 20,45 часот. Тоа ќе биде прв официјален натпревар на Вардар 1961 во Скопје сезонава. Подготвувајќи се за овој дуел против германскиот тим, „црвено-црните” единствено одиграа две контролни средби, против градските ривали, Бутел и Металург. Но, сега претстои вистинскиот предизвик
„После подолго време ни доаѓа натпревар. Флензбург е добро познат ривал кој е во добра форма. Има многу натпревари и веќе е во добра серија и ритам. Кај нас потешко е тоа што еден месец немавме официјална средба. Ќе мораме она што го подготвуваме да го пренесеме на терен и она што сме го работеле на тренинзите и сме го договориле да го одиграме. Мислам дека Флензбург е незгодна екипа која има добра транзиција. Нападот им е премногу брз со премногу добри и брзи ракометари. После еден месец е тешко да се игра бидејќи не знаеме до каде точно ни е формата. Овој натпревар ќе го покаже тоа. Очекуваме поволен резултат. Првпат играме на домашен терен сезонава. Ни останува да се бориме максимално, дисциплинирано и ангажирано за да извлечеме поволен резултат.” изјави Гоце Георгиевски, десното крило на Вардар.



