Поранешниот У21 репрезентативец на Англија и фудбалер со премиерлигашко искуство, Камерон Џером, изненади со изборот на својата нова средина.
Имено, Англичанецот премина во редовите на МК Донс како слободен играч по заминувањето од турскиот Гезтепе.
Во претстојната сезона, Џером ќе биде под менторство на поранешниот соиграч од Норвич, Расел Мартин, кој е тренер на англискиот третолигаш од минатата година.
Исто така, Џером ќе има соработка со уште еден поранешен соиграч. Станува збор за поранешниот капитен на Дерби Каунти – ирскиот репрезентативен дефанзивец Ричард Киох.
Во досегашната кариера, Џером ќе остане најзапаметен по премиерлигашките партии во Стоук и во Норвич.
Освен за овие две екипи, Англичанецот ги бранеше боите и на Кардиф, на Бирмингем, на Кристал Палас, како и на гореспоменатите Дерби Каунти и Гезтепе.
,,Среќен сум што ќе започнам нова епизода од мојата кариера во МК Донс. Возбуден сум што ќе бидам дел од клубот што, според мене, има неверојатни планови. Едвај чекам да започнам!” – напиша Џером на својот официјален Твитер профил.



