Возачот на ,,Митчелтон-Скот”, Сајмон Јејтс, го освои 55. издание на осумдневната италијанска велосипедска трка – Тирено Адријатико.
Оваа трка беше првично планирана од 11 до 17 март, но беше преместена поради настанатата ситуација со Ковид-19.
28-годишниот Британец, освен во генералниот поредок, беше прв и на петтата етапа, после којашто го презема првото место во поредокот.
Како второпласиран на целата трка заврши првиот возач на ,,Инеос”, Герент Томас (+0:17), а Рафал Мајка ја освои третата позиција (+0:29).
Паскал Акерман ја освои портокаловата маичка во поредокот за поени, којашто беше во негова сопственост уште од самиот старт. Исто така, Германецот беше победник на првите две етапи.
Освен гореспоменатите двајца возачи, етапни победи забележаа уште Мајкл Вудс, Лукас Хамилтон, Тим Мерлие, Матју ван дер Поел и Филипо Гана.
Шпанецот Хектор Каретеро замина со зелената маичка за најдобар планински возач, а Александр Власов од Русија беше најдобар млад возач, пласиран на петтата позиција во генералниот пласман.
Во тимската категорија, најбрз беше ,,Тим Санвеб” за којшто возеа Вилко Келдерман, Сам Оомен и Џеј Хиндли, кои завршија во првите дваесет.



