Шефот на стручниот штаб на Тинекс Пролет, Никола Матлиески, е задоволен од сработеното од ракометарите во текот на летните подготовки. Целта на тимот е јасна, добри игри од самиот старт на сезоната и влез во плејофот, за што според новиот систем на натпревари неопходно ќе биде да се влезе меѓу најдобрите три екипи во групата.
„Можам да кажам дека одработевме квалитетни подготовки. Не беше лесно бидејќи ракометарите беа надвор од ритам по предолгата пауза поради коронавирусот, но со максимално залагање и напорна работа стигнавме до ниво, со кое може да се каже дека сме подготвени за стартот на сезоната. Одигравме квалитетни контролни натпревари и формата ни се движи во нагорна линија, така што со нетрпение го очекуваме почетокот“, изјави Матлиески за клубскиот сајт
Премиерата во новата сезона ќе следи утре, со гостување на градскиот ривал Јуниор Кисела Вода (19 часот), но тренерот на Тинекс Пролет ги предупреди своите избраници дека не смее да дојде до опуштање.



