Второто даблинско дерби помеѓу Шамрок Роверс и Бохемианс во тековната сезона, односно првото на „Талахт Стадиум“, беше одиграно пред ограничен број на навивачи.
Шамрок Роверс е единствениот клуб од ирската прва лига што нема пораз по првите десет кола, а Бохемианс, во пресрет на дербито, имаа серија од пет врзани триумфи.
Во првото коло, Роверс славеа со 0-1 преку голот во последната минута на Арон Грини. Денес, ситуацијата започна целосно поинаку – со постигнат погодок уште во четвртата минута на Дени Лаферти. Поранешниот играч на Барнли и на Шефилд Јунајтед го постигна својот прв лигашки погодок во дресот на Шамрок Роверс.
Сепак, иако видовме ран погодок, резултатот остана непроменет до самиот крај, па Шамрок Роверс славеа со 1-0 и ја запишаа осмата победа сезонава.
На табелата, Роверс се првопласирани со дваесет и шест поени, а Бохемианс се на второто место со дефицит од пет поени.



