Минатогодишниот хрватски вицешампион, Локомотива Загреб, денес официјално го претстави своето најново засилување.
Станува збор за поранешен премиерлигаш и поранешен хрватски репрезентативец, кој, од 2009 до 2014, одигра триесет и шест натпревари за својата земја.
Имено, се работи за поранешниот фудбалер на Хајдук, Зулте Варегем, Рапид Виена, Глазгов Ренџерс, Евертон, Хал Сити, Вест Хем, Пекинг Рене и Гуижу Жиченг – Никица Јелавиќ.
,,После тринаесет години се вратив во Хрватска, а за тоа пресудија носталгијата и желбата да бидам со фамилијата во Загреб. Иако неодамна наполнив триесет и пет години, можам да му помогнам на тимот со своите игри и со советите, односно со усмерувањето на младите играчи. Минатата година, Локомотива го играше најубавиот фудбал во лигата, а верувам дека со тек на време ќе биде сè подобро и подобро. Добро ќе ми дојде репрезентативната пауза од две недели за подобро да се вклопам во играта и да ја подобрам формата.” – истакна Јелавиќ за официјалната веб-страна на Локомотива Загреб.




