Виолата е гудачки инструмент, сличен на виолината, само нешто поголем. Кај виолата горната граница на висината на тонот е c3 во оркестарска изведба, а во солистичката достигнува и до а3.

Виолата е помалку виртуозен инструмент, а тонот го одликуваат потемни бои од виолината. Мекиот звук на виолата често се користи за пополнување на внатрешните хармонии. Наш македонски истакнат професионалец во оваа област е Љупчо Трајаноски кој што има и интернационална кариера со која што на најдобар начин ја претставува Македонија во светски рамки.

За таа цел преку изјава самиот Трајаноски ќе ве запознае со неговите достигнувања, цели и замисли во иднина, како и соработки со познати светски имиња и настапи на признати манифестации:

,,Со музика се занимавам од раното детство, растев со песните од Аба, Квин, Пинк Флоид, Битлси , имам страст кон Рок музиката па тоа го исполнуваме заедно со виолинчелистката Андријана Дукоска мојата партнерка во Дуото Дабл Стрингс, правиме аранжмани на поп и рок песни, прилагодени на нашите инструменти. Сум соработувал со повеќе композитори и диригенти од Европа и Америка. Со Јорген Лауритсен-КопенХаген, Ole Fauschou-Копенхаген, Лоренс Фостер-Сад, Даниел Мајер-Сад. Работев подолго време Онлајн со Истакнатиот американски Виолист Брет Дубнер. Член на младинските оркестри како: Скандинавскиот оркестар Норден кој се одржува во Алборг-Данска, Младинскиот оркестар од Виена и сум лидер на групата на Виоли во интернационалниот оркестар за хуманитарни цели од Шчечин -Полска, имам снимано сола за Филм и Балет во Словачка. Не би можел да направам споредба на Македонски Виолист и Виолист од останатите земји, за тоа што секој уметник е уникатен и секој уметник остава свој Печат кон вечноста, можам само да спомнам дека во дел од Европските земји има одлични можности за реализација на еден уметник, а и личноста воопшто во било која област… Европските школи и оркестри се битни за оформувањето на еден музичар, бидејќи таму се обрнува внимание на деталите, како да се користи гудалото на каква мелодија, како да се размислува на фразата, како да се движи телото на различни мелодии, секоја изведба е откривање на нови енергии и емоции во себеси кои не знаеш ни дека постојат додека не се појавиш на сцена. Виолата има мудар и зрел звук, широк спектар на бои особено е интересно свирењето во оркестри каде затоа што конекцијата и заедничкото креирање на музика со толку многу луѓе на сцена открива сосема нова димензија во Музиката. Во 2018 година, настапив како солист со оркестар на Интернационалниот Фестивал Алион Балтик Во Талин- Естонија. Исто така работам како професор во основното Музичко училиште во Прилеп, предавам Виолина и многу сум среќен што знаењето го пренесувам на помладите генерации на музичари” – изјави за нашиот медиум Љупчо Трајаноски.








