Од 12 до 16 август во Струга ќе се одржи 48-от Меѓународен ракометен турнир на кој годинава поради пандемијата со корона вирусот ќе учествуваат само најдобрите Македонски ракометни екипи. Годинава Европскиот првак Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер донесоа нови засилувања од кои Марко Вујин,Златко Хорват и Стипе Мандалиниќ се трите најзвучни кои првпат ќе ги запознае струшката и македонската ракометна јавност.
МАРКО ВУЈИН (РК ВАРДАР)
Марко Вујин ( роден е во Бачка Паланка, 7 декември 1984 година) е српски ракометар и поранешен член на националниот тим. Тој игра како десен бек и сезонава пристигна во РК Вардар од Спортинг Лисабон. Тој ја започна својата кариера во Синтелон од Бачка Паланка, по што во 2003 година се пресели во Дунафер, Унгарија, од каде се пресели во Веспрем по три сезони. Помина шест сезони во Веспрем, по што стана играч на германски Кил во 2012 година. За седум години во дресот на Кил освои голем број трофеи во Бундес-лигата, но остана без највредниот Лигата на шампионите. Вујин во текот на сезоната 2018/19 година го пропушти целиот втор дел поради здравствени причини, па на крајот на сезоната замина во Спортинг Лисабон. Оваа сезона е најзвучното засилување за Европскиот првак РК Вардар.
ЗЛАТКО ХОРВАТ (РК МЕТАЛУРГ) Златко Хорват (роден на 25 септември 1984 година) е хрватски ракометар кој 18 години беше член и долги години капитен на РК Загреб за летово да направи трансфер во РК Металург Скопје. Од 2003 година, Хорват со РК Загреб не загуби натпревар во домашната лига и куп. Хорват стигна до четвртфиналето од Лигата на шампиони во ЕХФ во 2002–03, 2003–04, 2008–09, 2011–12, 2014–15 и 2015–16. Во 2013 година Загреб ја освои СЕХА лигата. Тој ја претставуваше својата земја на Европското првенство во 2006 и 2008 година, како и на Светското првенство во 2009 година, освојувајќи два сребрени медали со тимот. Тој исто така играше за Хрватска на Летните олимписки игри во 2008 година во Пекинг, Кина и на Летните олимписки игри 2012 година, каде Хрватска освои бронза….Последен пат во дресот на Хрватска го видовме на Европското оваа година каде со колегите Дувњак, Карачиќ, Циндриќ стигна до сребрениот медал.
СТИПЕ МАНДАЛИНИЌ (РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР)
Стипе Мандалиниќ (роден на 9 септември 1992 година) е хрватски ракометар кој потпиша за РК Еурофарм Пелистер и е член на хрватската репрезентација. Хрватскиот репрезентативец пред да дојде во Битола играше за Фуксе Берлин од 2017 до 2020 година, а претходно ги носеше дресовите на Загреб, Карловац и Сплит во хрватскиот шампионат.



