Четвртата овосезонска трка беше трката за големата награда на Велика Британија традиционално одржана на патеката „Силверстон“.
На вчерашните квалификации, двоецот на „Мерцедес“ составен од Луис Хамилтон и Валтери Ботас стартуваше од првите стартни редови. Зад нив стартуваа Макс Ферстапен и Шарл Леклер.
Во педесет од вкупно педесет и двата круга немаше речиси никаква акција. Во последните два круга, гумата на Ботас, кој беше втор во тој момент, пукна по што Финецот влезе во бокс и накрај ја заврши трката на единаесеттото место.
Ферстапен во тој момент изби на второто место и влезе во бокс по нови гуми за бркање на најбрзиот круг. Во последниот круг, пукна и гумата на Хамилтон, кој имаше триесетина секунди предност во однос на Ферстапен (пред сè набилдана поради влегувањето во бокс на Холанѓанецот). Токму тоа драгоцено време се покажа како доволно за да го истурка својот болид до целта и да ја освои седмата победа на оваа патека.
Ферстапен мораше да се задоволи со второто место, а како трет заврши Леклер. На одличното четврто место се најде Даниел Рикијардо, кој зад себе го остави домашниот возач Ландо Норис. Во првите десет успеаја да се пласираат и: Естебан Окон, Пјер Гасли, Алекс Албон, Ленс Строл и Себастијан Фетел.
Откако Серхио Перез беше дијагностициран со Коронавирус, на негово место требаше да вози Нико Хулкенберг. Сепак, Германецот имаше проблеми со болидот пред самиот старт на трката што резултираше со негово откажување уште пред да започне самата трка.



