Една од најслабите екипи во последните години во АФЛ, дефинитивно е Голд Коуст Санс. Сепак, клубот од Квинсленд, во новата сезона, се наоѓа на третата позиција со две победи во првите три кола. Последен „муштерија“ на „црвено-жолтите“ им беше Аделаид Кроус односно вицешампионот од 2017, кој во 2020 е еден од само двата тима кои сè уште немаат победа (другиот тим е Фриментл Докерс).
Доминантната игра на Санс во првите три четвртини им ја донесе победата од (12.10) 82-29 (4.5). Аделаид беше подобар само во последната четвртина којашто ја доби со (2.2) 14-19 (3.1), додека претходно, за три четвртини успеа да постигне само десет поени (1.4).
Најефикасен играч на натпреварот беше Бен Кинг од редовите на победничкиот состав. Младиот Австралиец е роден во 2000 година, а денес постигна неверојатни дваесет поени (3.2). Освен Кинг, хет-трик постигна и неговиот соиграч Дарси МакФерсон.



