Актуелните шампиони, Ричмонд Тигерс и шампионите од 2015, Хоторн Хокс, го отворија третото коло од тековната АФЛ сезона. Натпреварот помина целосно во знакот на „Јастребите“ кои одлично се справија со „Тигрите“ искористувајќи го отсуството на капитенот Дастин Мартин. Хоторн го доби овој меч со (5.9) 39-71 (11.5) и му го нанесе првиот пораз на Ричмонд во АФЛ уште од 13 јуни 2019 кога Аделаид Кроус беа подобри со (15.11) 101-68 (9.14).
Ова е второ изненадување во последните пет дена имајќи во предвид дека Голд Коуст Санс, во претходното коло, со убедливи (14.6) 90-46 (6.10) ги поразија Вест Коуст Иглс.
На денешниот натпревар, Хоторн ја стекна капиталната предност во првата четвртина којашто ја заврши со триесет и два поени предност т.е. (0.1) 1-33 (5.3). Најефикасен играч на мечот беше Чад Вингард (Хоторн) со постигнат хет-трик односно осумнаесет поени.
По рестартот на сезоната, Ричмонд забележа едно реми и еден пораз и падна на шестото место, додека Хоторн со една победа и еден пораз се искачи на четвртата позиција. И двете екипи имаат натпревар повеќе во однос на конкурентите.



