Денес официјално беше извршено гласањето на клубовите од Лиг 2 (англиската четврта лига) за одредување на исходот на сезоната 2019/20.
Клубовите изгласаа да се заврши сезоната, а промоцијата да биде извршена преку методот на поени по натпревар моментот кога лигата беше прекината.
Според ова, Свиндон Таун е нов шампион на четвртата лига којашто ја освои по третпат во клупската историја. Останатите две титули датираат од 1985/86 и 2011/12.
Освен Свиндон, промоција во Лиг 1 изборија Кру Александра и Плимут Аргајл. Кру Александра се враќа во третата лига за првпат по сезоната 2015/16, додека враќањето на Плимут беше експресно имајќи во предвид дека минатата сезона доживеаја релегација токму од Лиг 1.
Денес, исто така, беше изгласена и релегацијата. Стивениџ како последнопласиран тим би требало да биде релегиран во Ванарама Конференс. Сепак, неговата судбина сè уште останува непозната поради ситуацијата на претпоследниот Маклсфилд кој би можел да заврши во петтата лига поради проблемите во клубот.
Што се однесува до плејофот за утврдување на четвртиот промовиран тим, ќе учествуваат: Челтенам Таун, Ексетер Сити, Колчестер Јунајтед и Нортемптон Таун.
Распоредот на натпреварите од плејофот е следен:
18 јуни – први полуфинални натпревари:
Колчестер Јунајтед – Ексетер Сити (18:15 ч.)
Нортемптон Таун – Челтенам Таун (20:45 ч.)
22 јуни – втори полуфинални натпревари:
Ексетер Сити – Колчестер Јунајтед (18:15 ч.)
Челтенам Таун – Нортемптон Таун (21:00 ч.)
Финале:
29 јуни (20:30 ч.)



