Сè до денес, како најстар професионален фудбалски клуб беше сметан Нотс Каунти кој е основан во 1862. Сепак, новото ексклузивно откритие открива дека најстариот професионален фудбалски клуб е моментален член на Премиер Лигата и потекнува од Лондон. Станува збор за Кристал Палас.
Како датумот на којшто бил основан овој клуб се сметаше 10 септември 1905, но историчарите открија дека клубот од „Селхурст Парк“ датира од 1861.
Во 1861, компанијата Кристал Палас формирала фудбалски клуб за нивните крикет играчи. На 15 март 1862, Кристал Палас го одиграл својот прв натпревар против тогашниот Форест ФК, кој подоцна бил преименуван во Вондерерс ФК. Веќе во 1863, Кристал Палас станал еден од клубовите-основачи на англиската фудбалска федерација (ФА). Во првата сезона на ФА Купот (1871/72), Палас стигнал до полуфиналето. Сепак, во 1875/76 овој фудбалски клуб престанал да игра натпревари, а продолжил дури дваесет години подоцна. Токму поради паузата од натпреварувањата се сметало дека актуелниот клуб Кристал Палас и тогашниот истоимен клуб не се поврзани еден со друг. Во 1895, Палас продолжил да игра аматерски натпревари, но останал во сопственост на компанијата Кристал Палас. Во 1901/02 компанијата покренала иницијатива за да му даде на клубот професионално реноме. Иницијативата успеала во 1905 – датумот којшто досега беше сметан како година во којашто е основан актуелниот премиерлигаш.
„ Без Кристал Палас и компанијата Кристал Палас никогаш немаше да постои Кристал Палас ФК. Тој отсекогаш бил еден клуб и секогаш бил во сопственост на бизнисот на компанијата Кристал Палас. Откриено е дека клубот е формиран во 1861, па можеме слободно да кажеме дека е најстар професионален фудбалски клуб во светот.“ – тврди Питер Менинг, независен историчар.
Имено, најстар фудбалски клуб во светот е Шефилд ФК кој е основан во 1857. Сепак, овој клуб моментално ужива аматерска репутација, па како најстар професионален фудбалски клуб се смета Кристал Палас.



