Џулио Чиконе е 25-годишен професионален италијански велосипедист роден во гратчето Кјети во Абруцо. Италијанецот моментално вози за тимот на „Трек-Сегафредо“ со кој минатата година го освои планинскиот пласман на Џиро д’Италија со една индивидуална победа.
За време на карантинската изолација, Чиконе во домашни услови редовно тренира на виртуелен начин – возејќи статичен велосипед на кој може да се подесат разни поставки. Италијанецот вчера направи неверојатен подвиг. Со својот статичен велосипед успеа да го искачи највисокиот врв во светот, Монт Еверест (8848 м.н.в.), за неверојатни единаесет часа губејќи над девет илјади калории и ослабувајќи над два килограми.
Повеќе информации во врска со ова можете да најдете на официјалниот Инстаграм профил на италијанскиот весник „Гаѕета дело спорт“ каде што синоќа Чиконе одговараше на прашања во живо. Во едно од своите прашања истакна дека освен велосипедизмот, му се допаѓаат и трките со мотори, а како свој спортски идол го наведува Валентино Роси.




