Еден од најдобрите квотербекови во историјата на НФЛ, Том Брејди, беше долгогодишен член на Њу Ингланд Петриотс. Целата своја кариера ја помина под водство на тренерот Бил Беличик, а беше драфтуван како 199. пик во 2000 година. Брејди важи за најреномиран НФЛ играч со дури шест Супер Боул прстени, три Супер Боул МВП награди и безброј други индивидуални одличја.
По крајот на минатата сезона, договорот на Брејди истече, а Американецот остана слободен агент. Вчера на својот Инстаграм профил објави дека кариерата нема да ја продолжи во Њу Ингланд и предизвика големи емоции кај сите љубители на американскиот фудбал.
Синоќа, доцна навечер, беше соопштен новиот клуб на Том Брејди. Имено, станува збор за Тампа Беј Баканирс – клуб од Флорида кој во 2003 го освои Супер Боул 37, а оттогаш има само два настапи во плејофот кои завршија со пораз во првата рунда. Брејди во Тампа Беј ќе заработи цели 30 милиони долари по сезона, а ќе се обиде да испише нова страна од историјата. Наредниот Супер Боул ќе се игра токму во Тампа Беј, а досега ниеден тим не успеал да игра Супер Боул на својот домашен терен. Брејди, во својата 43. година, ќе се обиде да дојде до ова достигнување и да стави крај на својата блескава кариера. Притоа, во регуларниот дел од сезоната ќе се соочи двапати со Дру Бриз (Њу Орлеанс Сеинтс) и по еднаш со Арон Роџерс (Грин Беј Пекерс) и Патрик Махоумс (Канзас Сити Чифс). Сите тројца горенаведени квотербекови претставуваат едни од најдобрите играчи во историјата на НФЛ, додека Махоумс е и актуелен бранител на титулата.



