Овој неделен совет е поттикнат од неколкуте состаноци кои ги имав порано, а и сега, со луѓе коишто доаѓаат на состанок без да имаат тетратка или што било каде што би можеле да запишат забелешки, ако ништо друго, барем главните поенти од состанокот. А знаете што е најважно, на тие состаноци донесувавме одлуки за кои после ќе се запрашуваме: кога сме зборувале за тоа?
Сето тоа само го отежнува и го забавува целиот процес и доведува до одложување на работите. Самото одложување чини пари, изразено во (непродуктивно) време на инволвираните и материјално, и времето е материјално, но тука повеќе мислам на вистински пари, а тоа е преку одложено пласирање на продуктот/сервисот на пазар и можност за профит.
Затоа:
- Визуелни помагала – секогаш кога ќе имате можност, имајте нешто за запишување, ливче, пенкало, позајмете ливче/пенкало, користете мобилен телефон и опциите кои ги има. Да не ве учам, ама да ве потсетам дека имате опција: NOTEs, е-пошта (испратете си на себеси), ворд или која било друга апликација. Ем ќе бидете штосни, ем ќе си имате запишано, барем она најважното.
- Знајте што сакате да запаметите – сигурно на тој состанок доаѓате затоа што треба да се збори за нешто или, ако ништо друго, пред да започнете, дефинирајте за што ќе се збори. Така ќе знаете што е она што би требало да запаметите, а и ќе бидете фокусирани.
- Повторете – ако веќе немате каде да запишете, повторете со соговорниците за што сте зборувале и што сте дефинирале, за да можете да го запаметите, но и да го потврдите тоа што е договорено.
- (про)Активни – ако сакате да запаметите многу работи од состанок, бидете (про)активни. Доколку немате каде да запишете што е зборено/договорено, (про)активноста на состаноците ќе ви овозможи после тоа да се присетите за она што сте збореле и (можеби) што сте се договориле. Кога зборам за (про)активни, мислам на поставување прашања, активно слушање, активно учество, одговарање на прашања/дилеми итн.
- Учесници – мора да знаете кои се учесниците на состанокот и нивните функции. Не за друго, така ќе можете да им дадете приоритет на работите кои треба да ги запаметите и коишто треба да се запаметат. Од друга страна, пак, тоа ќе ви помогне и во потсетување на договореното со тоа што тој/таа седеше таму и рече ова и ова, а тој/таа седеше спроти и сакаше да се заврши ова и она до тогаш и тогаш…
И да заклучиме, иако сте дошле неподготвени на состанок (гледајте друг пат тоа да не ви се случи), сепак има многу начини како можете да си помогнете сами на себе, но и на другите, состаноците да немаат бесцелност и да си овозможите работите кои се договорени да се одвиваат како што треба и во насока во која е договорено!
Со успех во промените,
@kalinbabusku
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-export.com



