Бостон Селтикс и Бруклин Нетс се соочија во најнеизвесниот дуел од синоќешната НБА програма. Имено, натпреварот помеѓу овие две екипи беше решен дури после продолжение. Во текот на натпреварот, Бостон водеше речиси цело време, но одличната игра во завршницата на Керис ЛеВерт успеа да го одведе Бруклин до победа. 25-годишниот Американец постигна вкупно педесет и еден поен што е негов личен рекорд, а дури триесет и седум поени уфрли во четвртата четвртина и во продолжението. На крај, Бруклин славеше со 120-129 откако во продолжението го надигра ривалот со 11-2.
За Бостон, ова е втор пораз во низа кој ги остава на третата позиција, додека Нетс го запишаа првиот триумф после четирите врзани порази и го завземаат седмото место на Истокот.



