Традиционално, во спортскиот центар „Чаир“ во Ниш, беше одиграно финалето на српскиот „Корач Куп“ каде што оваа година се соочија Партизан и Црвена Ѕвезда по четврти пат во низа. До победата стигнаа „црно-белите“ после продолжение со резултат од 85-84. Натпреварот по регуларниот дел заврши со изедначени 78-78. Во последната минута, Црвена Ѕвезда имаше резултатска позитива од +6 поени, но Партизан успеа да го надомести заостатокот. Во продолжението, титулата на Партизан му ја донесе Огњен Јарамаз кој ги постигна сите седум поени во дополнителните пет минути.
На патот до финалето, Црвена Ѕвезда ги елиминира БКК Раднички и Мега Бемакс, додека Партизан беше поуспешен од Борац и ФМП.
За Партизан, оваа е трето освојување на српскиот куп во низа и вкупно осмо од неговото создавање – 2002/03. Црвена Ѕвезда последен пат го освои ова натпреварување во сезоната 2016/17.



