Дербито на колото, а воедно и првиот натпревар од саботната програма на 33. коло од англискиот Чемпионшип го одиграа ВБА и Нотингем. Првото полувреме од натпреварот беше доста тензично, со многу фаули и два жолти картони за Нотингем. Во 37. минута, ВБА поведе со првиот гол на Калум Робинсон во својот нов клуб по асистенција на Матеус Переира. Сепак, на пауза, екипите заминаа со 1-1 откако Кајл Бартли ја заби топката во својата мрежа. Англичанецот пред само три дена постигна гол и направи пенал против Рединг, а денес стави точка на својата „циркусна“ недела со постигнатиот автогол. Во 75. минута беше постигнат уште еден автогол. Овој пат, тоа беше дело на дефанзивецот на Нотингем, Тобиас Фигуеиредо, кој му донесе ново водство на ВБА од 2-1.На крајот, ни тој резултат не се покажа како конечен бидејќи Мети Кеш заби неверојатен погодок за 2-2 во првата минута од судиското продолжение. Во последната секунда од натпреварот, ВБА имаше шанса за победа, но контроверзно беше досуден офсајд.
Со ова реми, ВБА останува на првата позиција, додека Нотингем го претекна Брентфорд и се искачи на четвртото место со натпревар повеќе во однос на конкурентите.



