Бат Митерндорф е мало место во централна Австрија во чија близина се наоѓа единствената австриска леталница во натпреварувањата од светскиот куп во ски скокови. Токму оваа леталница е прва во новата сезона, а нејзината големина изнесува 235 метри. Рекордот на леталницата го постави Петер Превц во 2016 кога скокна 244 метри.
Вчерашните квалификации беа одложени заради мекиот снег во доскочниот дел на леталницата, па на денешното натпреварување се појавија вкупно 53 скокачи. После првата серија, на првата позиција беше Карл Гајгер кој позади себе ги остави Штефан Крафт, Пјотр Жила, Тими Зајц и Рјоју Кобајаши. Изненадувачки, во втората серија не успеаја да се пласираат рекордерот Петер Превц, Грегор Шлиренцауер, Роман Куделка и Анже Семенич. Втората серија донесе возбудувања, пред сè кон крајот на натпреварувањето. Поради вотфрлувањето на водечкото дуо, до втората победа во кариерата и првата во оваа сезона дојде Пјотр Жила. Само 0,3 поени заостаток во однос на Полјакот имаше Тими Зајц кој се искачи на подиумот по четврти пат во кариерата, а Крафт заврши како третопласиран. Пласманот во првите десет го заокружија Карл Гајгер, Давид Кубацки, Анти Алто, Камил Штох, Роберт Јохансон, Рјоју Кобајаши и Мариус Линдвик. Финецот Анти Алто го израмни својот најдобар пласман во кариерата – шестото место освоено минатата сезона во Нижњи Тагил.



