Дербито на деветнаесеттото коло од АБА лигата го одиграа Партизан и Будуќност. Натпреварот беше одигран во „Штарк Арена“ во Белград пред официјална бројка од 16 531 гледач. Оваа бројка е највисока во историјата на АБА лигата и претставува апсолутен рекорд. Претходниот рекорд го држеше легендарното финале од 2010 помеѓу Цибона и Партизан одиграно на 25. април пред 16 200 гледачи кадешто Душан Кецман со тројката на 0,6 секунди до крајот им ја донесе титулата на „црно-белите“. Тие се единствените два натпревари кои биле одиграни пред публика побројна од 15 000. Веднаш по нив следуваат Партизан – Цедевита (25. април 2014) одиграно пред 14 210 гледачи и Партизан – Цибона (18. април 2009) одиграно пред 13 328 гледачи.
На синоќешниот натпревар, Партизан славеше со 87-82, а најефикасни играчи на тимот од Белград беа Маркус Пејџ и Огњен Јарамаз. Пејџ постигна дваесет поени, додека Јарамаз имаше деветнаесет поени, пет скокови и три асистенции. Од тимот на Будуќност, Суад Шеховиќ беше најдобар со дваесет и еден поен, шест скокови и една асистенција. Со оваа победа, Партизан се искачи на врвот на АБА лигата после деветнаесет кола. Будуќност падна на второто место, а помеѓу најдобрите четири екипи се наоѓаат Цедевита Олимпија и Црвена Ѕвезда.



