Шамони, еден од најпознатите и најелитните француски ски-центри, овој викенд ќе биде домаќин на светскиот куп во машка конкуренција. Првото натпреварување овде е оддржано во 1968, а после четири години отсуство, денес повторно се враќа во светскиот куп. Последен француски победник, во пресрет на денешното натпреварување, беше Алексис Пантуро кој славеше на алпската комбинација во 2016.
На денешното натпреварување, после првата серија, на првите четири позиции беа Даниел Јул, Клемен Ноел (+0.24), Штефано Грос (+0.47) и Алексис Пантуро (+0.48), додека петтото место го делеа Марко Шварц и Себастијан Фос-Солевааг (+0.82).
Втората серија донесе многу возбудувања. Федерико Либераторе, кој беше на 30. место после првото скијање, на крајот стигна до 11. позиција. Освен него, голем напредок имаа и Австријанците Микаел Мат и Адријан Пертл кои скокнаа за тринаесет односно за шест позиции. Токму Перлт беше скијачот што заврши на подиумот по прв пат во својата кариера завземајќи го третото место (+0.31). На второто место заврши Норвежанецот Тимон Хауган (+0.21). Исто како и Пертл, така и Хауган го освои својот прв подиум во кариерата. До победата стигна Клемен Ноел со одличното скијање во втората серија за задоволство на француските навивачи. За него, ова е шести подиум сезонава. Од фаворитите, Пантуро, Јул и Грос не ја завршија втората серија. Пласманот во првите десет го заокружија Мат, Ценхојзерн, Фос-Солевааг, Хорошилов, Шварц, Мирер и Гранж.



