Од географски аспект, островот Ирска (Република Ирска и Северна Ирска) е поделен на четири региони: Улстер, Мунстер, Леинстер и Конахт. Регионот Улстер го опфаќа северниот дел на „Смарагдниот остров” односно северо-западот на Република Ирска и цела Северна Ирска. Во овој регион спаѓаат девет области/парохии: Антрим, Армах, Даун, Ферманах, Лондондери и Тироун во Северна Ирска како и Донегал, Монахан и Каван во Република Ирска. Сите овие парохии се заслужни за развојот на рагбито во Улстер.

Почетоци:
Прв рагби клуб од Улстер бил Норт оф Ајрленд кој бил основан во 1868. Во наредниот период, биле основани и други клубови кои го ширеле рагбито низ Улстер. Првиот интер-регионален меч бил одигран помеѓу Улстер и Леинстер во 1875. Во тој период, рагбито во Улстер било управувано од две унии – Ирска Фудбалска Унија и Северна Фудбалска Унија на Ирска. Во 1879, двете унии направиле фузија и тогаш, во секој регион, настанал по еден истоимен главен рагби тим. Во истата година се формирани Улстер, Леинстер и Мунстер, додека Конахт е основан во 1885. „Помалите” тимови сè уште постоеле, но на попрестижните натпреварувања оделе главните провинциски екипи составени од најдобрите играчи на другите тимови од истата провинција.
Периодот во дваесетти век и професионализација на клубот:
Речиси цел дваесетти век, играчите на Улстер играле истовремено и за своите локални тимови. Во овој период, Улстер имал аматерска репутација, но професионализацијата била сè поблиску. Во првата половина на векот, интер-регионалните натпревари биле играни без квалитетна основа. Дури во 1946/47, бил основан Ирскиот Интер-провинцијален Шампионат кој се играл секоја година. Улстер го освоил ова натпреварување вкупно 26 пати, а најуспешен период бил од 1985 до 1994 кога го освоил десет пати во низа.
Улстер почнал да станува професионален тим кон крајот на деведесетите години на дваесеттиот век. Во 1998/99, станал првиот ирски клуб што го освоил најзначајното европско клупско натпреварување, Хајнекен Куп, совладувајќи го францускиот УС Коломиер со 21-6 во финалето. Периодот од 2001 до 2006 е исклучително важен и успешен за клубот од Белфаст. Најпрво, под водство на Алан Соломонс, а потоа под водство и на Марк МекКол, Улстер забележа серија од четири години без пораз на свој терен во Хајнекен Купот, како и освојување на Келтската Лига во 2005/06 (денес позната како Про 14).
Опаѓање и ренесанса:
Периодот од 2006 до 2010, беше исклучително тежок и неуспешен за Улстер. Тимот забележа неколку засрамувачки порази, а воедно смени и неколку тренери. Во 2010, нови спонзори го зајакнаа Улстер, а со средствата беа доведени и нови квалитетни играчи. Ситуацијата веднаш почна да се подобрува, а во 2012, клубот стигна и до финалето на Хајнекен Куп за прв пат по тринаесет години, кадешто беше поразен од Леинстер со 14-42. Сезоната 2012/13, беше сведок за најдолгата победничка низа на Улстер во историјата којашто броеше дури тринаесет победи, а исто така беше сезоната кога Улстер се пласира во финалето на тогашната Про 12 лига (денес Про 14) во кое загуби со 24-18 од Леинстер. Оттогаш наваму, Улстер пружи солидни партии во Про 14 лигата и во Хајнекен Купот, но сепак нема освоено титула.
Знак и стадион:
На знакот на рагби клубот Улстер е прикажан симболот на регионот Улстер што воедно е присутен и на провинциското знаме. Станува збор за црвената рака која има поврзаност со историјата на оваа провинција.
„Рејвенхил Стадиум” е дом на овој клуб уште од 1923, а од 2014, заради спонзорски причини, стадионот е познат под името „Кингспан Стадиум“. Објектот се наоѓа во Белфаст, главниот град на Северна Ирска и има капацитет од 18 196 гледачи.




