Познат е фактот дека професионалните велосипедисти важат за едни од најспремните спортисти воопшто. Како се одвива еден нормален ден на професионален велосипедист пред стартот на сезоната ?
Одговорот на ова прашање се крие во видеото на „Про Сајклинг Нетворк” – еден од најпопуларните канали на ЈуТјуб што објавува видеа поврзани со велосипедизам. Нивниот член Оливер, беше повикан во тимот на АГ2Р Ла Мондиал и успеа да ја долови вистинската слика што го опишува денот на еден велосипедист.
Имено, АГ2Р Ла Мондиал е француски тим кој во своите редови има квалитетни возачи од калиброт на Ромен Барде, Жулиен Дувал и Тони Галопен. Велосипедистите стануваат уште во 06:30, а веќе во 07:00 часот се наоѓаат во теретана кадешто вежбаат кондициони тренинзи. После тренинзите следува доручек полн со протеини, а во 10:30 почнува тренингот. Тренинзите често се состојат од возења над сто километри. После напорното возење следува обилен ручек, а после ручекот, велосипедистите добиваат релаксирачка масажа. Додека тие се релаксираат, механичарите напорно работат за да ги приспособат велосипедите за наредниот ден. Во 20:00 часот е закажана вечерата, а потоа сите заедно се опуштаат и се одмараат.



