Во втората рунда од овогодинешниот Аустралиан Опен се соочија Бугаринот Григор Димитров и Американецот Томи Пол. Димитров, во пресрет на натпреварот, важеше за голем фаворит имајќи во предвид дека се наоѓа на 20. место на АТП листата што е за 60 позиции подобро во однос на својот ривал. Сепак, Пол со одлична игра во првиот сет, а особено во тај-брејкот на вториот сет, успеа да стекне предност од 2-0 по сетови (6-4, 7-6). Третиот и четвртиот сет му припаднаа на Димитров (6-3, 7-6), па натпреварот отиде во одлучувачкиот и најинтересниот петти сет. Во петтиот сет, Димитров имаше брејк предност и сервис при резултат од 5-4, но Американецот успеа да израмни на 5-5, а потоа и да поведе со 6-5 во гемови. Димитров го освои својот последен сервис гем во петтиот сет, па натпреварот беше одлучен преку нов тај-брејк. На грен-слем турнирите, тај-брејкот во петтиот сет се игра до десет добиени поени. Прв до десеттиот поен стигна Пол кој го освои тај-брејкот со неверојатни 10-3. Натпреварот траеше цели четири часа и дваесет и пет минути. Димитров никогаш во својата кариера нема победено натпревар откако губел со 2-0 во сетови. За Томи Пол, ова ќе биде првиот пласман во третата рунда на Аустралиан Опен. Овде ќе се соочи со Фучович кој во втората рунда беше подобар од Синер (6-4, 6-4, 6-3).



