Финалето на АФК го одиграа екипите на Канзас Сити Чифс и Тенеси Титанс. Натпреварот беше интересен уште пред самиот почеток имајќи во предвид дека Титанс на патот до овој натпревар ги совладаа фаворизираните Њу Ингланд Патриотс и Балтимор Равенс. Освен овие два изненадувачки триумфи на Тенеси, антологијата ни пружи и други интересни факти:
– Тенеси Титанс е првата шестопласирана екипа во регуларната сезона што стигнала до конференциско финале во АФК после 2010.
– Енди Рид, тренерот на Канзас Сити, во пресрет на натпреварот, имаше учинок од 1-8 против денешниот ривал. Воедно, Тенеси беше единствениот тим што овој тренер го нема совладано повеќе од два пати.
– Од спојувањето на двете конференции во 1970, Тенеси Титанс (претходно познати и под името Хјустон/Тенеси Оилерс), имаа одиграно само четири конференциски финалиња (во 1978/79, 1979/80, (и двете под називот „Оилерс”), 1999/00 и 2002/03.
– Во истиот период, Чифс имаа учествувано на само две конференциски финалиња – во 1993/94 и во 2018/19.
– На последните три меѓусебни дуели (пред овој натпревар), Чифс воделе со 9, 10 и 11 разлика во последната четвртина и сите три пати биле поразени.
На денешниот натпревар доминираше Махоумс. Тој беше главниот адут на Канзас Сити освојувајќи 294 јарди и постигнувајќи еден тачдаун со трчање. Младиот квотербек уфрли и три тачдауни кон Хил (2) и Воткинс, а петтиот тачдаун го постигна Вилијамс. Од друга страна, Титанс го постигнаа првиот филд-гол после 42 дена, а постигнаа и три тачдауни преку Хенри, Кели и Фриксер. Кели, со 146 килограми, стана најтешкиот играч што постигнал тачдаун во еден плејоф натпревар. Крајниот резултат изнесуваше 35-24 во корист на Чифс. За оваа франшиза, ова ќе биде третото учество на Супер Боул во нивната историја. Првото датира од Супер Боул 1 (1966/67) кога биле поразени од Грин Беј Пекерс, а второто датира од Супер Боул 4 (1969/70) кога славеле над Минесота Викингс. Во овогодинешниот Супер Боул, Канзас, во Мајами, ќе се соочи со победникот од натпреварот помеѓу Сан Франциско 49ерс и Грин Беј Пекерс.



